БАЛКАНСКИ СИНДРОМ

Скандалот во Брисел покажа колку новинарите се дисциплини-рани од политичарите

Во Словенија, спроти нејзиното осамостојување, еден многу познат новинар испрати писмо до сите медиуми и побара новинарите и медиумите да го покажат својот патриотизам и да не се осврнуваат многу на фактите и вистината. Новинарското здружение, медиумите и, воопшто, новинарската фела ова писмо и неговиот автор едноставно го растргнаа.
Во Словенија, веднаш по осамостојувањето, еден познат политичар незадоволен од тоа како новинарите известуваат од парламентот јавно им порача дека тоа е нивната „лебедова песна“. На ова словенечките новинари и медиуми одговорија со штрајк. И во Словенија имаше повеќе обиди од политичарите да се дисциплинираат новинарите, но словенечките новинари не одеа во Брисел да се жалат. Напротив, сами си ја освоија и одбранија својата слобода и професионалноста, иако многу од нив јасно ја изразуваат својата политичка определеност. Токму затоа, Словенија, уште пред да влезе во Европската унија, според Фридом хаус беше во групата демократски држави кога станува збор за слободата и независноста на медиумите и новинарите.

Во Хрватска, каде што 10 години авторитарно владееше Фрањо Туѓман, многу новинари и медиуми го почувствуваа тоа на свој грб, но не одеа во Брисел и не бараа од странците некаков меѓународен медиумски борд што ќе им ја донесе независноста и професионализмот. Уште помалку хрватски новинари или невладини организации одеа во Брисел или кај странските амбасадори да се жалат, да кукаат или да зборуваат против сопствената влада. Хрватска е на прагот на влез во ЕУ.

Тоа што во вторникот се случи во Брисел, а продолжи во рамките на „најголемиот дострел“ на македонските дебатни емисии „Јади бурек“ само уште еднаш покажа дека кај нас новинарската професија е клинички мртва. Навистина, се прашувам како онаа група „новинари демократи“ во Брисел (во суштина, тоа не е беше институционалната ЕУ, туку само една пратеничка група во Европскиот парламент) прифатија да учествуваат во дебата на која нема покането ниту еден претставник на Здружението на новинари и од „новинарите патриоти“. Е тука завршува нивниот демократски капацитет. Богами, тоа не ме изненадува од нив. Како што не ме изненадува ниту фактот што нема реакции од „новинарите демократи“ на пишувањето на нивниот колега Борјан Јовановски, кој за првото перо на „новинарите патриоти“ (Мирка Велиновска) напиша дека е оставена љубовница на БЦ.

Овие две групи новинари, во суштина, се само две страни на еден медал. Затоа не ме изненади кога Мирка како прво перо на „патриотите“ не реагираше кога во емисијата „Јади бурек“ Миленко Неделковски како искусен балкански мачо објаснуваше како „новинарките демократи“ со поглед се милувале со Кацин и Шацимаркакис. Германскиот Грк Шацимаркакис покажа дека неговата култура и јазик се на ниво на јазикот и културата во пристанишните барови во Пиреја.

Но, да се вратам на емисијата „Јади бурек“. Првото перо на „новинарите патриоти“ разви теза дека должност на секој новинар е да прави инциденти, демек, тоа е начинот како се создава вест и како се идентификуваш како слободен и независен новинар. Е, навистина ова било голем придонес во теоријата за новинарство и уште поголем придонес во борбата за независно и професионално новинарство.

Кај нас една мала група новинари од 1991 година беа тесно поврзани со единствената политичка елита, а потоа и со бизнис-елитите, пред се’, од лукративни причини и систематски го уништија професионалното новинарство. До 1998 година тоа беше само една „новинарска елита“, која до последен момент ја бранеше СФРЈ, се воодушевуваа на Милошевиќ и беше блиска на власта. Антологиска е изјавата на првото перо на „новинарите патриоти“ кога во 1998 година победи ВМРО-ДПМНЕ пред камерите гордо изјави: „Од денеска јас сум опозициски новинар“. Ама вистинското новинарство познава само една определба – професионалноста. Во суштина, како што газдите на медиумите ги менуваа партиските дресови така и оваа елита на новинари ги менуваше своите „професионални критериуми“, а еве последниве години дочекавме и класична комунистичка диференцијација на патриоти и предавници, односно на демократи и автократи.

Во својот жар на борбата еден против друг отидоа толку што и успехот на нашите кошаркари го инструментализаираа за своите цели. Така еден од подмладоците на „новинарите патриоти“ и учесник во „растурањето“ на состанокот во Брисел, во саботното издание на „Публика“ (додаток на „Дневник“) во својот патриотски занес, понесен од успехот на кошаркарите, напиша уводник со наслов „Македончето е мртво, да живее Македонецот“. Во текстот, меѓу другото, ќе напише иако Грците и Американците (овие вториве, барем според изјавите и на власта и на опозицијата, се наши најголеми сојузници) потрошиле стотици милиони евра!? Да го уништат македонското ткиво ама не успеале!? „…Затоа денеска сме горди на наша Македонија која отсекогаш била и е светски центар на културата, науката, спортот и на сето она што од антиката, па до денес го развива светот“.

И така дознавме дека папокот на светот е Македонија и, секако, ние Македонците. Глупост невидена. Да го потсетам овој помлад „новинар патриот“ дека во СФРЈ, според резултатите на пописите, во Македонија и во Словенија имаше најмалку луѓе што се изјаснуваа како Југословени, иако ова беше тивка определба на српскиот хегемонизам.

Од друга страна, на „новинарите демократи“ им сметала навивачката химна „Гоцевата раса“, а сме се радуваме на успесите кошаркарите што играле за пари. Уште една неизмерна глупост.

Успехот на нашата кошаркарска репрезентација, мотивот и пожртвуваноста на нашите дечки со кој македонската кошарка, но и држава, станаа многу попрепознатливи во Европа и во светот, според мене, преставува вистински одговор на онаа позната реченица на Кенеди – „Не прашувај што направила државата за тебе, туку прашај се што ти си направил за државата“. И со право го заслужија оној дочек во Скопје. Почитувајќи ги законите на дијалектиката (Хегел), убеден сум дека „патриотските и демократските новинари“ ја пеат својата „лебедова песна“, која можеби ќе трае уште година, две-три… ама ја започнаа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com