БАЛКАНСКИ ПАРЛАМЕНТАРИЗАМ

СДСМ отвора уште поголем простор на актуелната власт да си владее по свое, плус за тоа да има поддршка од некаква си конструктивна опозиција

Искрено речено, ниту малку не ме изненади одлуката на ЦО (Централен одбор) на СДСМ со која се прифаќа предлогот на претседателот Заев и извршниот одбор да се вратат добиените 34 мандати. Или, речено со едноставни зборови, СДСМ нема да влезе во новиот парламентарен состав. Причина за ваква одлука, според СДСМ, се недемократските, нефер и криминални избори, па затоа СДСМ не сакаат со своето присуство во парламентот да дадат легитимитет на оваа криминална власт. Браво СДСМ. Браво Заев, браво Шекеринска. Ама ако е тоа така, дозволете едно „наивно“ прашање до вас. Зар сега кога освоите само 34 пратенички места, ви се запали светилката дека оваа власт е авторитарна, криминална и уште не знам што. Патем, барем ако редовно го читавте „Утрински“, поголем број од колумнисти вклучувајќи ја и мојата дребност, постојано пишуваме за авторитарноста и недостигот од демократија кај нас. Понатаму, зошто воопшто прифативте да се оди на предвремени парламентарни избори. Не е тајна ако СДСМ како партија и пратеничка група во минатиот парламентарен состав имаше цврст став да не се учествува на предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ немаше да гласа за формалниот предлог на ДУИ за предвремени избори. Но, да потсетам, тогаш СДСМ се фалеше како ете ја присилиле власта да направи измени и дополнувања на изборниот законик, односно да ги вгради препораките на Венециската комисија.

Патем, тогаш напишав дека усвоените измени во секоја нормална држава се само дел од политичката култура, а кај нас ете стануваат законски норми!? А, за „еластичноста“ и „растегливоста“ на нашите закони, односно за практиката долга дваесетина години секоја власт законите да си ги чита по свое слободно „толкување“ не треба да се зборува. Токму затоа овие измени ама во ништо не го променија или, подобро речено, подобрија изборниот процес. За жал, СДСМ никогаш не излезе со предлог да се воведе изборен праг, без кој пропорционалниот модел во суштина ја губи својата смисла и цел во парламентот да влезат повеќе партии ама како самостојни субјекти, а не под чадорот на „голема“ партија и се само дел од гласачката машинерија. Понатаму зошто СДСМ, ако изборниот процес бил таков како што сега го оценуваат, не се повлекоа од изборниот процес по првиот круг на претседателските избори. Зошто не ги повлекоа своите членови од избирачките органи и тоа од избирачки одбори преку општинските изборни комисии, па се’ до ДИК. Зар со ова не се дава легитимитет на победникот, односно на „криминалната власт“.

И една моја лична констатација. Убеден сум дека СДСМ немаше да донесе ваква одлука ако, на пример, добиеја уште десет пратеници повеќе. Само малку математика. Ако СДСМ на парламентарните избори освоеше 398 илјади гласа, колку што освои Пендароски плус 31 илјада гласови на ГРОМ, е па тогаш се прашувам каков ќе беше резултатот, односно распоредот во новиот парламентарен состав. За жал, СДСМ кој, како што напишав и во минатата колумна, својот најголем пораз го доживеа на последните локални избори токму поради политиката одам-не одам на избори, сега продолжува со своето политичко самоубиство. И ајде малку демагогија, зошто сега СДСМ кога решил да ја „делегитимира оваа криминална власт“ не ги повлече и своите (4) градоначалници меѓу кои е и Заев???.

И што сега. Од формално правен аспект одлуката да не се прифатат освоените мандати нема некоја поголема дилема или проблеми. Парламентот може да се конституира и без нив. Ако сите сто дваесет кандидати за пратеници од листите на СДСМ го одбијат мандатот, тогаш ќе бидат распишани дополнителни избори за тие 34 мандати секако гледано по секоја изборна единица. И сега се поставува прашањето дали оние 283.955 гласачи на СДСМ ќе излезат на ова гласање. Претпоставувам, нема. И повторно ќе гласаат само гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. И тука се поставува прашањето дали ќе гласаат за своите или по директива ќе се гласа малку за своите и малку за некоја друга „конструктивна опозиција“. Се шушка дека во ГРОМ и во Алијансата задоволно тријат раце по оваа одлука на СДСМ, а нема да изненади и ако Саше Политико влезе во парламентот. Е дури тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе си владее максимално комотно. СДСМ, поточно двоецот Заев-Шекеринска ако мислат дека кај нас ќе се случи Киев и плоштадот „Мајдан“, навистина тогаш не заслужуваат да бидат во политиката, а камоли да водат партија. Имено, ние како граѓани, без разлика на која политичка опција и’ припаѓаме, не сме подготвени за такво нешто, а и оние кои учествуваа во „Отпорот“ со право ќе прашаат зошто тогаш двоецот Заев-Шекеринска беа тогаш против, а сега се за!? Понатаму, СДСМ ако очекува дека меѓународната заедница сега ќе „падне на глава“ поради нивната одлука да не влезат во новиот парламент, тогаш навистина, дефинитивно, го изгубиле чувството за реалност. Ако имаат за цел, пред се’, да продуцираат некаква политичка напнатост, па и политичка нестабилност, е во тоа сигурно ќе успеат. Ама ние граѓаните се научивме во овие дваесетина години на нашата самостојност да живееме и во економска и во политичка нестабилност. За жал, со ова, како што реков, СДСМ отвора уште поголем простор на актуелната власт да си владее по свое, плус за тоа да има поддршка од некаква си конструктивна опозиција. Во исто време ќе бидеме сведоци дека за секој нереализиран проект на ВМРО-ДПМНЕ од оние скоро 3 илјади кои беа нудени во кампањата ќе биде спинуван така што виновен ќе биде СДСМ и неговата одлука да не ги прифати освоените мандати. Како и да е, оваа одлука на СДСМ уште еднаш покажува дека кај нас политичките елити ниту имаат чувство за државотворност ниту, пак, чуство за историска одговорност. Со тоа се потврдува дека ние спаѓаме во групата на таканаречените неисториски народи, иако ВМРО-ДПМНЕ ете успеа барем кај оние скоро 500 илјади гласачи да ја наметне античката етногенеза. И само едно појаснување, неисториски народи се оние на кои им недостига државотворен капацитет и секогаш ги повторуваат истите грешки се’ додека еден убав ден не ја изгубат и својата држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com