ББЕРЛИНСКИ КОНГРЕС – ВТОР ПАТ

На северот од Косово врие, нашите државни органи молчат како тоа да не се случува близу нас

Изгледа ние немаме среќа со глобалните, а уште помалку со регионалните збиднувања и токови. Еве, Грциве навистина не се фер, туку најбезобразно одбиваат да банкротираат, иако некои наши медиуми барем по пет пати во денот најавуваат дека Грција е „тропа“ (дебармалски израз за банкрот). Во суштина ако сакаме едноставно да го дефинираме известувањето околу должничката криза на Грција тоа се сведува на онаа наша злобна балканска карактеристика „да му умре козата на комшијата“. Демек ако Грција банкротира тогаш апсурдниот спор со нашето име наметнат од нив ќе се реши веднаш.
Глупост, како што беше и глупост, односно најголема грешка, направена од оние политички структури и политичари кои го прифатија „привременото име“ ФИРОМ и кога се лажеше најгрубо дека тоа е привремено решение, кое ќе се надмине за 3-6 месеци.Сега се заоструваат состојбите на Косово. И повторно кај нас освен голо пренесување на агенциски вести нема ништо друго. Ниту државните органи, ниту експертската јавност, ниту медиумите, а уште помалку невладиниот сектор, не рекоа ниту збор за ова. Последните настани на северот на Косово се само врв од ледената гора која не го опфаќа само Косово туку целиот регион. Ова го потврди во минатата недела и српскиот претседател Борис Тадиќ кој во интервјуто за телевизијата Б92 јасно кажа дека кризата на Косово не е само прашање кое се ограничува на односите помеѓу Белград и Приштина туку на целиот регион Западен Балкан.

А, дали забележавте дека регионот Западен Балкан се’ повеќе се стеснува. Хрватите веќе се збогуваат, Црна Гора има реални услови и таа многу брзо да стави нога на евроатланското тло. И така цврсто закотвени на Балканот остануваме уште ние, Србија, Босна и Херцеговина Албанија и Косово. Во истото интервју на прашањето дали излезот од ова го гледа во поделбата на Косово, Тадиќ беше дипломатски многу јасен и одговори. „Секое решение кое ќе ги задоволи интересите на двете страни и ќе доведе до трајна стабилност во регионот е прифатливо“.

На Белград многу добро му е јасно дека патот во Брисел води преку Приштина, како што нашиот процес на евроатланските интеграции води преку изнаоѓање на решение за апсурдниот спор наметнат од Атина. Ако некои мислат дека изјавите за поделба на Косово кои во последно време доаѓаат од највисоки српски претставници, а притоа се оди дотаму да се предлага за ова Белград да преговара со Тирана, се чиста случајност или некаков неконтролиран испад на српските политичари, тогаш е или наивен или едноставно се плаши да ја погледне реалноста. Зарем се заборави дека Медлин Олбрајт (дамата со безброј брошови) уште пред 5-6 години изјави: „Зошто Европа се плаши од Голема Албанија?“ И јас се прашувам зошто?

Навистина би било наивно ако се верува дека косовскиот премиер Хашим Тачи самоиницијативно и во име на косовската сувереност и територијален интегритет ги пушти косовските специјалци да ги заземат двата гранични премини, а пред тоа да воведе ембарго за производи и стока од Србија. Уште понаивно е да се верува на амбасадорот на САД во Приштина, кој веднаш по акцијата на косовските полицајци, изјави дека Тачи не се консултирал за ова со Американците и Вашингтон не стои зад оваа акција. А само неколку месеци пред ова Американците преку ноќ го сменија претседателот на Косово Беџет Пацоли (демек бил избран противуставно) и од џеб на Тачи и на другите косовски лидери им дадоа плико со името на актуелната претседателка.

Неодамна, во белградски НИН излезе колумна потпишана од бившиот амбасадор на Велика Британија во Србија во која тој отворено зборува дека на регионот Западен Балкан во име на стабилноста и неговата евроатланска иднина му е потребен нов Берлински конгрес. И ова ќе помине, барем кај нас, како личен став на некои си бивш амбасадор?

Вакви и слични пробни балони сега редовно ќе се случуваат. Добро, тоа е дел на најразличните интереси на големите играчи на глобално нивно преклопување и ако сакате конфронтација на ниво на регион (Западен Балкан), но и пошироко. И тука, ние како држава не можеме многу да смениме. Тоа што можеме да направиме е преку јасни и навремени реакци и јасно изразени ставови на надлежните државни органи, преку медиумите и со учество на јавноста (ако воопшто ја имаме) преку невладиниот сектор, од една страна на пошироката јавност да и’ се дадат доволно квалитетни информации што се случува, и така да се формира колку толку хомогено јавно мислење. На овој начин можеме во исто време на тие големи играчи да им се презентираат нашите ставови и интереси, односно на некој начин и да им се наметнат и да ги вградат во своите интереси и сценарија. Во спротивно ќе ни се повторуваат одлуки како што беше ФИРОМ или на маса ќе ни се ставаат готови Рамковни договори.

Ние ќе ги лапнеме што би рекол народот „како клен дудинка“ а нашите политичари секако поткрепени од најразлични експерти сите со академски титули ќе се правдаат како ете целиот свет на нашиот грб ги крши сите принципи на меѓународното право, на демократијата, човековите права и слободи, а патриотските новинари повторно ќе пишуваат за мрачни сценарија на нашите најголеми сојузници и квази пријатели. На Берлинскиот конгрес, за разлика од другите балкански народи, немаше ниту еден претставник Македонец.

Убеден сум дека единствено македонските бизнисмени и тајкуни задоволно тријат раце по одлуката на косовската влада да стави ембарго на увоз од Србија (српскиот извоз во Косово изнесува 400 милиони евра). Сигурно од скриените места ги извадиле тефтерите од времето на ембаргото врз Србија и Црна Гора, потсетувајќи се на старите врски и пријатели, тарифите за „подмачкување“ и ред други корисни „бизнис информации“. Нормално, бизнисот си е бизнис, а тој не познава ниту граници ниту етнички или други разлики, а во вакви ситуации преку ноќ се станува милионер, се’ друго не е важно.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com