БАЛКАНСКА НОВИНАРСКА ЕТИКА

Препукувањата меѓу новинарите-патриоти и новинарите-демократи имаат еден заеднички именител – пари

Во мината колумна напишав дека разоткривањето на законските, ама малку „неетички“ тендери на Ивона Талевска, како и на други „новинари“ е добра работа, верувајќи дека со ова ќе се заокружи процесот на ферментација во новинарската фела. Исто така, напишав дека самонаречените новинари-демократи, во суштина, се другата страна од паричката, односно законскиот, ама малку неетичкиот тендер на Ивона. И откако групата новинари-патриоти (или, пак, владини мегафони) почнаа да објавуваат имиња на новинари-демократи (или, пак, предавници), работата зовре. Како стар дебармаалски сеирџија со задоволство почнав да го следам ова препукување помеѓу овие две спротивставени групи „новинари“, но еден заеднички именител „пари“ и многу малку професионални критериуми. Но, ова задоволство донекаде ми го „расипа“ соопштението на Советот за етика!? Верувам дека многу малку од вас, почитувани читатели, не знаат што е тоа Совет за етика. Советот на етика е нов невладин и, секако, „независен“ субјект, кој ќе има цел како саморегулаторно тело да води грижа за новинарските стандарди и почитување на етичка димензија од Новинарскиот кодекс. Во суштина, ништо ново. Нешто што досега требаше, а не го правеше, Судот на честа сега ќе треба да го прави некое ново тело. Саморегулацијата во медиумскиот простор е присутна во некои европски држави, но, пред се’, во држави со висок степен на демократија, со вистинско функционирање на правната држава и владеењето на правото и многу висока политичка култура. Намерно не ги споменувам професионалните новинарски стандарди, бидејќи тие за овие држави се одамна апсолвирани. Но, и таму имаме примери кога и институции како watch dog (односно куче-чувар) едноставно потфрлаат од лукративни причини. Последен таков пример е во Велика Британија, позната афера на новинарскиот магнат Мардок. Аферата доведе до затворање на еден медиум и судски процес против уредници, но и други инволвирани во незаконското и неетичко прибирање информации.

Но, да се вратам на домашен терен. Откако СДСМ го објави законскиот, а малку неетичен тендер на Ивона, како и цел куп фирми регистрирани на иста адреса каде што е и телевизијата која „прва дознава“, патриотите-новинари извршија контраудар. Почнаа да објавуваат имиња на новинари од таборот на демократите кои, исто така, имаат свои фирми. Наместо таа пресметка да продолжи, односно ферментацијата во медиумскиот простор еднаш засекогаш да заврши и да се залие, што би рекол народот, со чисто вино, а не комињак, во кој имаме тендери или квази невладини организации, Советот на етика со политикантското соопштение сака тој процес повторно го запре. Ова препукување помеѓу овие два табора на „новинари“ Советот за етика ги оценува како голем удар врз целокупниот информативен простор, а медиумите, демек, сега стануваат мегафони на одредени центри на моќ. Во соопштението има небулози, како што е: „Советот силно апелира до сите медиуми да се воздржат од меѓусебни пресметки коишто на крајот на денот резултираат со очаен новинарски производ и понуда, фрлајќи темна дамка на целото македонско новинарство. Наместо тоа, енергијата која медиумите ја трошат ред е да ја пренаменат во вистинско, објективно и навремено информирање и истражување, какво што и’ е неопходно на македонската демократија“.

Зошто вакво соопштение Советот за етика не испрати веднаш кога беше откриен „законскиот ама малку неетичен тендер“ на Ивона. Зар на Ивона не и’ се нарушени правата барем кога станува збор за лични податоци и нејзиниот новинарски интегритет? Јас мислам не. Ама, Советот сега мисли дека се нарушуваат личните податоци и професионалниот интегритет на новинарите кои беа посочени во некои дневни весници и портали. Кај нас со години се знае кои „новинари“ имаат свои фирми или невладини организации, преку кои работат законски, ама малку неетички. Најдете барем една држава во Европа во која новинар е уредник во телевизија и уредник во печатен медиум. Или работи на телевизија и „фура“ свој портал или свој печатен медиум. Ајде најдете пример во Европа кога новинар снима комерцијални реклами или емисии, а потоа води централен дневник на телевизија. За ова се знае со години.

Во секоја нормална држава ако сте се определиле да бидете новинар, тогаш сте новинар, а не и бизнисмен и активист во невладиниот сектор, односно основач на невладини организации. Ги слушам овие новинари демократи дека нивните фирми ништо не работеле. Малку наивно да прашам – зошто сте ги формирале ако ништо не работеле? Досега познавам само еден пример кога добар новинар (за мене, се’ уште ненадминат) на полето на економијата го напушти новинарството, отвори своја фирма, но лично никогаш веќе како новинар не се појави во ниту еден медиум. Станува збор за некогашниот новинар на А1, Герман Филков.

Ако СДСМ не го објавеше законскиот, ама неетичен тендер на Ивона, што лично го сметам како легитимна алатка во политичката борба, и патриотите и демократите ќе си продолжеа да се препукуваат во стилот колку Заев доделил тендери на своите роднини, а колку станови има партиската фамилија на ВМРО-ДПМНЕ. Убеден сум дека немаше ниту на едните ниту на другите да им текне да ги споменат лукративните интереси на своите „лути противници“ од новинарската фела. Ама затоа и едните и другите (патриотите и демократите) постојано се колнат дека се тие вистинските новинари кои ги штитат професионалните стандарди и етичкиот кодекс. Затоа да не ве чуди зошто во сите овие 22 години на самостојност не сме мрднале на листата на „Фридом хаус“ од групата на делумно слободни држави. Ама, сепак, ферментирањето, па без разлика дале зборуваме за хемиски процес или општествени процеси, мора да заврши. Верувам дека, сепак, еден дена ќе си наточиме чисто вино. Како граѓани ќе имаме можност првиот чекор веќе да го направиме на претстојните избори.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com