БАЛКАНСКА КРЧМА

Дали нашето „независно“ судство им направи „мечкина услуга“ на премиерот и неговите соработници или Груевски и најблиските сами си пукале во нога

Дека ние сме тотално дезориентирано општество со крајно апатични членови, со кои политичките елити многу лесно манипулираат, може секојдневно да се види преку медиумите. Во тоа „шампион“ е МРТВ, која би требало да биде јавен сервис, а не алатка за манипулација и дезориентирање на граѓаните. Во суштина, иако звучи чудно, ние како граѓани сме целосно аполитични. Некој ќе рече – а камповите пред Владата и оној во „Жена борец“. Зарем немаше таму луѓе кои со денови протестираа, едни против актуелната влада други во одбрана на истата таа влада. Да токму тие демонстрации ја покажуваат граѓанската аполитичност, со што станавме алатка во манипулациите на политичките елити, без разлика дали се на власт или од опозиција.

Да погледнеме една друга состојба којашто ја покажува апатичноста која е масовно присутна. Неодамна беше објавено дека некои дистрибутери на нафта и нафтените деривати ни продаваат неквалитетно гориво за нашите автомобили. И замислете надлежните институции кои се задолжени да вршат контрола не објавија кои се тие дистрибутери кои ни продаваат лош бензин или дизел. Ама, за жал, ниту медиумите многу не се трудеа да откријат кои се тие што ни продаваат „мешавина“ наместо квалитетно октанско гориво. Ајде што не реагираше ниту еден субјект од државата, од невладиниот сектор, не реагиравме ние како граѓани и потрошувачи. Прво, во секоја колку-толку правна држава надлежните органи не само што ќе објавеа кои се тие дистрибутери, туку ќе поведеа и конкретна постапка против нив, а тоа подразбира и „дебели“ казни, па дури и затвор. Понатаму, ако случајно не се објават кои се тие фирми, тогаш сигурно е дека веќе другиот ден пред надлежното министерство би имало жестоки демонстрации и јавноста би барала барем оставка од надлежниот министер. Кај нас сета оваа ујдурма помина според онаа позната реклама „Скопско и се’ е можно“. Ама дали ваквото неквалитетно гориво го оштетил вашиот или мојот автомобил, дали ваквото гориво има поголеми негативни ефекти врз загадувањето на воздухот, изгледа кај нас никого не засега, вклучувајќи не и нас кои како потрошувачи го плаќаме цехот во оваа наша балканска крчма. Цехот кој го плаќаме ние граѓаните во овие 24 години на самостојност доведе до целосно уништување на средната класа која секогаш била и е носител на развојот.

Иселувањето си тече како река. За жал, оваа влада не успеа да направи попис, односно не знаеме ниту колку не има тука ниту колку се отселиле. Но знаеме, барем според некои сериозни истражувања, дека речиси секој втор млад човек би заминал во странство ако има и најмала можност. Некој ќе рече тоа е капитализам кој сами го баравме. На овие им препорачувам да ја препрочитаат колумната на професорот Рикардо Хаусман „Дали капитализмот предизвикува сиромаштија“, објавена во средата во „Утрински“. Колумна која како да е пишувана на нашата „кожа“ и во која авторот многу конкретно и на лесно разбирлив начин ја расветлува вистината: „… најсиромашните земји во светот не се карактеризираат со наивна верба во капитализмот, туку со крајна недоверба, што води до силна владина интервенција и регулирање на бизнисот. Во такви услови, капитализмот не напредува, а економиите остануваат сиромашни“, односно нашата беда сепак не е последица на разуздан капитализам туку на „капитализам кој е зауздан само на погрешен начин“. Со тоа што, според мене, тоа погрешно „зауздување“ не се однесува само на економските законитости туку на сите сфери, од општествениот, политичкиот културниот живот и работење, па дури и идентитетското прашање.

За културната „заузданост“ ете ни го барокот и спомениците, односно „Скопје 2014“. За идентитетската „заузданост“ ете ви го „Аце“ и обид од Словени да не’ направат некакви антички Македонци. На крај, политичкото „зауздување“, секако на наш начин. Мислам на политичката криза, која ни се влече од јуни минатата година од почетокот на бојкотот на Собранието од страна на опозицијата. И така после година и кусур по цел куп „бомби“ од аферата прислушување, а пред се’ со цврста медијација на странците (читај притисоци од ЕУ и САД) се потпиша некаков „мировен договор“ кој доби и прекар „Договорот од Пржино“. И, демек, неговата реализација почна со враќањето на опозицијата во Собранието. И како што вели народот, денот се познава по зората. Така и самото враќање на опозицијата беше проследено од двете страни со една навистина кратка, но жестока канонада на заемни обвинувања.

Од опозицијата, поточно од потпретседателката на СДСМ и по се’ изгледа и иден потпретседател на Собранието, слушнавме за сите лоши работи кои ги направило ВМРО-ДПМНЕ од 2006 па се’ до денеска. Ама во оваа историска ретроспектива ништо не слушнавме за глупостите на опозицијата, поточно на СДСМ, кои ги направи во овој период, со што дозволи ВМРО-ДПМНЕ да владее како што сака или што би рекол народот „начекале село без кучиња“. И нормално во духот на нашиот политички фолклор веднаш врати ВМРО-ДПМНЕ, ама овој пат не баш многу инвентивно. Повторно ја свртеа старата грамофонска плоча, демек, крајно време е опозицијата да почне да работи бидејќи единствено пратениците од опозицијата (31 на број) веќе година и половина земаат плата, а ништо не работат и седат дома. Ова власта го потенцираше нон-стоп во изминатиов период, иако за оваа состојба одговорноста е и кај мнозинството. По се’ изгледа, ова беше само увертира за „главниот настан“ што се случи пред два дена. Имено судот донесе одлука дека предадените ленти и транскрипти од СДСМ до обвинителството се стекнати незаконски и затоа нема да се користат како доказен материјал. И, бум, ете ти нова бомба, ама сега од страна на третата власт. Судската која е „независна и самостојна“ нели!? Ваквата „самостојна и стручна“ одлука на судот неоспорно го доведува во прашање смислата на изборот на посебен јавен обвинител.

Работата уште непочната зовре. Во една ваква атмосфера која сега се создаде по оваа олука на судот (во прв степен) навистина се доведува во прашање не само изборот на специјалниот јавен обвинител, туку целиот договор од Пржино. Во дилема сум дали нашето „независно“ и „самостојно“ судство со оваа „самостојна“ одлука им направи „мечкина услуга“ на Груевски и неговите најблиски соработници, против кои СДСМ поднесе повеќе кривични пријави, а како еден од доказите се токму тие аудиозаписи. Или пак можеби јас грешам, односно Груевски и најблиските сами си пукале во нога. Како и да е, работата не оди на добро.

Странците кои вложија многу труд, па ако сакате и личен престиж, сега дипломатски одбиваат да коментираат судски одлуки кои не се правосилни ама директно велат дека прислушувањето мора да се расчисти и ќе треба нашето „независно“ судство да ја почитува меѓународнаата практика. Најдобар и најсвеж идентичен пример е со некогашниот европратеник и известувач за Македонија Зоран Талер. Како што знаеме, група британски новинари тајно го снимиле разговорот со него, секако лажно се преставиле и понудиле десетина илјади евра мито ако тој во Европскиот парламент „протурка некој амандмани“.

Талер за ова веднаш си даде оставка. Понатаму, тој ги тужеше новинарите на суд во Лондон за незаконско прислушување и снимање. И тука е она што се вика „квака 22“ (Catch 22).Судот во Лондон навистина утврди дека снимањето на разговорот било незаконски. Ама тоа што е поважно е оти судот утврдил дека со снимањето е откриена работа која има многу поширок општествен и јавен интерес и затоа снимените материјали ги смета како докази, а новинарите не беа осудени. Врз основа на таа пресуда на судот во Лондон Зоран Талер од страна на словенечкиот суд беше осуден, ако не се лажам на две години затвор. Ете, толку за „незаконските докази“ на Заев и законската одлука на нашиот „независен“ судски систем со која овие „бомби“ не можат да се употребат како доказни материјали.

Неколку пати имам напишано и јавно кажано дека договорот од Пржино и воопшто начинот на кој го читаат и разбираат четирите партии, чии лидери го потпишаа, нема ништо добро да донесе ниту за државата ниту за нас обичните граѓани. Фактички тој по својата содржина е нешто како Дејтонскиот договор, речиси не е можно да се имплементира во еден многу кус период, бидејќи налага цел куп системски промени и донесување на нови закони, а многу експерти велат дека се потребни и уставни промени. И замислете, сето тоа до 24 април идната година.

Од друга страна, пак, ниту власта ниту опозицијата не сакаат да навлезат во суштински промени на системот кој се развива и доградува веќе 24 години и кој е далеку од демократијата, владеењето на правото и почитување на човековите права и слободи. Само погледнете го решението за ДИК кое четворката го усогласи, а со кое Државната изборна комисија и понатаму си истакнува партиски орган, а не независно стручно државно тело. Ова јасно покажува дека за едните е битно како и понатаму да останат на власт, а со тоа да продолжат со своето владеење, кое пред се’ носи корист на владејачките политичките елити. За другите иако декларативно зборуваат за демократија за човекови права и слободи за правна држава, сепак главна цел им е како да ја освојат власта и можеби со мали козметички измени да продолжат таму каде што застанаа претходните. А ние граѓаните кои сме станале крајно аполитични, ама прераснавме во максимално навивачки маси и понатаму во оваа балканска крчма ќе плаќаме „цехови“ на некои други. Прашање е само дали нам попрво ќе ни снема пари за плаќање на се поголемите „цехови“ или пак некој однадвор ќе дојде и ќе ја затвори оваа балканска крчма.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com