Аnd Waltz goes on

Првата половина од неделата помина во знак на оставката на сега веќе екс министер за финасии Зоран Ставревски, кој ја поднесе како што запиша од здравствени причини. И богами од социјалните мрежи па до медиумите Ставревски беше тема на цел куп „анализи“, „длабокоумни коментари“, а се, се сведуваше на тоа што едни го величаа до ѕвезди за други беше лош, арогантен, и уште незнам каков човек. Во суштина Ставревски беше и остана само типичен балкански фолклорен политикант. Интересно многу од овие силни аналитичари и коментатори и тоа од едната и од другата страна велат дека тој е добар економист кој ја познава многу добро макроекономската политика и финансиите. Јас ќе повторам дека за мене беше само типичен на фолклорен политичар. Зошто? Е па сете се на оној „незаконски“, „лепени“ „сечени“ и „монтирани“ телефонски разговор помеѓу него и госпоѓа Јанкуловска исто така бивша „министерка“ и патемосомничена за некои кривични дела. Мислам на оној разговор кога Ставревски вели: „ние сме лудаци, немаме пари за леб а купуваме чоколади, дека ниту една Америка вакво нешто не може да го издржи …“ Е па ако Ставревски бил вистински економист зошто наместо да се воздржува да му го фрли телефонот во глава на своето „кумче“ инаку во тоа време негов Премиер, не ја почитуваше науката и своето знаење и не си поднесе оставка. Тоа би го сторил секој негов колега министер, во секоја нормална држава и кој има развиена политичка култура и чувство на одговорност за државата. Не, Ставревски ете дури сега од здравствени причини си поднесува оставка. Лично како христијанин на Ставревски како и на секој друг човек му посакувам брзо да ги надминездравствените проблеми. Но како граѓанин кој според него бил жртва на една безумна економскаполитика па така од нашите испразнети џебови тој и „фамилијата“ купувале чоколади а ние немаме ниту за леб очекувам надлежните органи пред се СЈО да открие дали Ставревски само ја спроведувал политиката на своето „кумче-премиер“ или и тој чепнал од чоколадото, платено или подобро речено уште долго ќе го плаќаме од нашите скоро празни џебови. Во меѓувреме „валцерот“ помеѓу нашата голема четворка продолжи ама и веднаш заврши. Преговарачите кои се на ниво на вторите луѓе од партиите, изгледа никако да ги разберат нотите запишани во извештајот на Прибе и преточени во договорот од Пржино. И нормално виновна е другата страна. Па така додека СДСМ игра твист, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да солира со некаков си патриотско фолклорен рок. ДУИ, сака да се покаже како страстен поддржувач на европските вредности а со тоа и нашата евроатлантска иднина, иако не знае ниту два чекори се обидува да игра валцер. ДПА сепак барем засега јасно вели дека од ова нема ништо ама не се откажува од учеството во овие игри без граници. Во суштина за  сите нив е најбитно како и во иднина тие да останат како „голема четворка“. И повторно доаѓаме до онаа теза која мојата дребност ја врти веќе скоро една година, дека актуелните политички елити не можат да сторат ништо позитивно во смисла на отпочнување на процес не само за излез од актуелната кризата туку процес кој ете патетично го именуваме враќање на „европски колосек“. Тоа што посебно, ајде да речам малку нескромно ја потврдува мојата теза, се брилијантните анализи на господин Арсим Зеколи во неговите редовни колумни а исто така и во неговите постови по социјалните мрежи.

За жал во сето тоа ништо не се подобри ниту „странците“ кои патем ги напишаа нотите за овој валцер. Иако во своите раце ја имаат „диригентската палка“ никако да ги заиграат правите ноти, односно како што викаше мојата покојна баба да „заигра пипиревката“. Само погледнете ја последната изјава на американскиот амбасадор Бејли, која за жал е под ниво на еден американски димпломат. Имено навистина веќе ни дојде преку глава, како папагали да повторуваат “одредбите од Пржино“, „кредибилни избори“, „реформи“ и слични „шупливи изјави“, а во истовреме слушаме дека на пример во Брисел не можат да се договорат дали е потребно против конкретни политичари кои сето ова го опструираат да се воведат индивидуални санкции?!!

Во меѓувреме се си тече по старо … Не знам дали забележавте владините реклами од „виртуелниот проект Остваруваме“ повторно ги гледаме на Јавниот сервис и другите патриотски медиуми. И додека се вртат реклами за многудетски семејства повторно умира родилка, а возила на Брза помош без пациенти и без повик се користат за провокации против демонстрантите од Шарената револуција. И нормално мојот „најомилен“ министер за здравство Тодоров и овој пат нема да си поднесе оставка. Ама зарем нашето „зомби здравство“ може да опстане без „Доктор Нино“, како „нагалено“ ама сепак тивко го именуваат многу вистински лекари.

И што сега. Шарената револуција за понеделник најавува голем протестен митинг. Наивно е да очекуваме дека тој „голем“ протестен митинг ќе биде некаков почеток на процесот за надминување на кризата, процес за враќање на демократијата и правната држава. Но верувам дека сите посакуваме  најавените протести да не се изродат во нешто непредвидливо и надвор од контрола. Притоа одговорноста е колку кај организаторите уште повеќе и кај власта.

 

p.s Не знам колку од вас знаат дека познатиот актер Сер Антони Хопкинс е исто така и одличен композитор и тоа на класична музика Меѓу неговите музички остварувања е и композицијата со горе наведениот наслов која ако сакате можете да ја слушнете на јутуб.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com