АНГЕЛА МЕРКЕЛ ПОВТОРНО НА БАЛКАНОТ

По посетите на Ангела Меркел на Словенија, Хрватска и на Србија, дефинитивно, ни стана јасно дека нашиот пат до Брисел оди преку Атина

Во вторникот (30 август) германската канцеларка Ангела Меркел престојуваше во официјална посета на Словенија, а само десетина дена пред тоа беше во посета на Хрватска и на Србија, односно во државите на Западен Балкан (политички, а не географски топоним). И пред десет дена, а и овој пат, Меркел не’ заобиколи, поради, како што беше пласирано кај нас, нејзината „набиена агенда“. Од посетата на Меркел на Загреб и на Белград барем на нашата јавност и’ беше презентиран само еден сегмент од интервјуто на Меркел за Хрватската телевизија, објавено еден ден пред нејзиното доаѓање во кое таа истакнува дека ЕУ останува отворена за државите од Западен Балкан, ама условите за Србија се да ги нормализира односите со Косово, за Македонија е да го реши дефинитивно проблемот со Грција околу уставното име, а Босна и Херцеговина ако сака интеграција во ЕУ, треба да почне да функционира како држава. И така, барем дефинитивно, ни стана јасно дека без разлика на препораките во извештаите не Европската комисија, без разлика каква ќе биде одлуката на Меѓународниот суд во Хаг во процесот што го покренавме околу блокадата на Грција (патем одлуката не е обврзувачка), без разлика колку е тоа во спротивност со меѓународните принципи, Копенхашките критериуми, кои веќе никој не ги споменува, и ред други меѓународни акти, нашиот евроатлантски пат оди преку Атина.

Нешто слично канцеларката Меркел истакна и во Словенија каде што рече: „Мора на државите од Западен Балкан да им ја покажеме европската перспектива, ама нема да увезуваме проблеми, како што беше, на пример, кипарскиот. Да потсетам дека пред неколку дена словенечкиот премиер Пахор имаше приватна средба со српскиот претседател Тадиќ. На средбата со Меркел, Пахор отворено кажа дека за ова ги информирал и Американците и Германците дека сака да се сретне и со косовскиот премиер Тачи. Инаку, Меркел и овој пат ја пофали Словенија, која наместо блокада на Хрватска, се одлучи за арбитража и додаде дека ова може да биде пример и за другите држави што имаат отворени прашања. Самата посета на Словенија беше, пред се’, во функција на состојбите во ЕУ и кризата во еврозоната. Имено, владата на Пахор во целост ја поддржува идејата на канцеларката Меркел и претседателот на Франција, Саркози. Идеја, која, во суштина, се сведува на моделот Европа со две брзини, а Словенците имаат цел да влезат во онаа група држави-членки што ќе возат со повисока брзина, а богами за ова имаат и реални можности. Токму затоа, Меркел ја истакна храброста на словенечкиот премиер Пахор за големи и болни реформи, посебно во пензискиот систем, но и на други подрачја, потсетувајќи дека во Германија старосната граница за пензионирање изнесува 67 години. Имајќи предвид дека токму тие реформи доведоа до распаѓање на коалицијата во Словенија и доведе до драстично паѓање на рејтингот на Пахор, тој малку на шега, на прес-конференцијата, рече: „Се одвикнав од пофалби“. На ова Меркел сериозно одговори… „Знаете, позната сум по тоа дека го зборувам она што го мислам, а реформите се потребни и кај вас и кај нас“. Патем, Меркел и Пахор припаѓаат на различни политички и идеолошки определби, таа е демохристијанка, а тој е социјалдемократ. Инаку, Германија, со која, како што вели Пахор, Словенија изградила „посебни односи“, е најголем трговски партнер на Љубљана. Една петтина од вкупниот словенечкиот извоз, кој патем изнесува неверојатни 26 милијарди евра, оди на германскиот пазар. И кога сме веќе кај парите, ќе се вратам повторно на минатонеделната посетата на Меркел на Загреб и на Белград. Имено, со Меркел допатуваа околу шеесетина бизнисмени од Германија. Во Хрватска, Меркел беше посебно заинтересирана за десетина крупни инвестициски проекти понудени од германскиот бизнис-сектор за кој веќе подолг период нема одговори од страна на хрватската држава.

Кога станува збор за Србија, фасцинантни се следниве податоци. Во последните десет години, Германија му дала на нашиот јужен сосед неповратна помош од околу 1,5 милијарди евра и тоа претежно за проекти во енергетиката. Уште пофасцинантен е фактот дека германските инвестиции во Србија обезбедуваат околу 65 илјади работни места. Интересно, една „мала Словенија“ со своите инвестиции во Србија обезбедува околу 20 илјади работни места. Е па сега лично мислам дека тоа што Ангела Меркел не дојде во Скопје не е и некој голем неуспех на нашата дипломатија. Ама барем да дојдеа барем половина од германските бизнисмени што беа во Белград… не знам дали се сеќавате дека пред петнаесетина години (или малку повеќе) еден од најголемите автомобилски германски концерни сакаше да дојде, арно ама по долгите преговори со тогашната влада, се повлече. По се’ изгледа таа перцепција за нас се’ уште е присутна кај германските бизнисмени… барем кога станува збор за големи инвестиции, а не за алаш-вериш економија.

П.С. Минатата колумна, во која ги изнесов своите погледи за состојбата во медиумите, гледам, предизвика реакции, што навистина ме радува. Геровски, на свето ново работно место, а првпат веќе не е голем шеф, ме нарекува „пит бул што гризе ли гризе“. Геро ме разочара. Како стари пријатели, тој знае дека моја раса се шнауцери, а не пит були, а богами шнауцерот и премногу знае да гризе. Но, за ова во следната колумна, односно кога ќе заврши расправата во Собранието на оваа темa.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com