АЛО НАЧАЛНИЧЕ…

Се’ уште сакам да верувам дека светлината што ни ја дадоа студентите ќе се шири и ќе ги порази овие „волнени времиња“, а сите началничиња, директори, полтрони…, ќе заминат во политичкото и историско буниште

Во овие „волнени времиња“ има светли моменти кои сепак даваат каква таква надеж за некое подобро утро. Тоа што барем мене ми дава основа да верувам во тие „светли моменти“ е фактот дека носители на тие позитивни движења се млади луѓе, студенти, обединети околу нивната политичка платформа, а таа е квалитетно високо образование и целосна автономија на универзитетите.
Начинот како се организираа, како многу јасно ги артикулираа своите цели (нов закон за високото образование) за кој веднаш децидно рекоа дека не мислат да преговараат, ја присили Владата да прифати донесување нов закон за високото образование, при што во неговата подготовка ќе партиципираат сите заинтересирани: Студентскиот пленум Професорскиот пленум, Ректоратот и, секако, надлежното министерство. Ако забележавте, ги нема професорите од контрапленумот на чело со професорката Каракамишева сега да ја коментираат оваа новонастаната состојба. А, оваа професорка и член на управниот одбор на „Македонски пошти“, до вчера така „ватрено“ го бранеше законот, особено новите измени со кој се воведе и државен испит кој ќе се полага на рати!!! Лично за мене Студентскиот пленум и нивната прва добиена битка (се надевам не и последна), по референдумот за самостојност (септември 1991) е најзначајна цивилна, или ако сакате граѓанска иницијатива која има многу транспарентна политичка димензија и цел, но нема партиски или етнички предзнак. Браво.

Зошто го споменав референдумот од 1991 година. Затоа што најновите настани со аферата прислушување во суштина не’ враќаат на почетокот на осамостојувањето кога, за жал, не успеавме да поставиме вистински и тврди темели на парламентарната демократија. Кога поделбата на власта на извршна, судска и законодавна сите политички елити ја практицираа само „про форма“, додека во практиката се знаеше дека извршната власт е „хазаинот“ (газдата) на државата, на општеството и на сите нас како граѓани.

Во суштина, во сите осум мандатни периоди кој ги имавме, нашите политички елити не сакаа да ги воспостават и што е поважно, да ги имплементираат во практиката основните демократски принципи како што е почитување на човековите права и слободи, правна држава и владеење на правото, контролата на законодавната власт врз извршната и вистинска пазарна економија која кај нас се сведува на државни тендери, сега по ново на странски инвестиции и слободни индустриски зони. И сепак, според сите статистички податоци, ние сме меѓу трите најсиромашни држави во Европа.

Но, да се вратам на аферата прислушување. Во минатата колумна, пред последната бомба на Заев, напишав дека молкот на власта, поточно на ВМРО-ДПМНЕ, е само тактички потег познат во теоријата на односите со јавноста или ако сакате на политчката пропаганда. И тоа се случи. Спин-докторите на ВМРО-ДПМНЕ сега преку случајот на Љубе Бошкоски сакаат да покажат дека господин Бошкоски се пазарел со името, секако со нашите „клети непријатели“ Грци пред изборите во 2011 година. А, ете, сега Заев со објавувањето на фајлот „Ало, началниче,“ (да потсетам, станува збор на разговор помеѓу господата Сашо Мијалков, директор на УБК и д-р Драган Павловиќ-Латас, кој сега покрај академската титула дознавме дека има и „звање“ „началник“), СДСМ и секако Заев кој го подржуваат Бошкоски се квалифицирани како предавници. Да сето ова „фати“ некаков корен во јавноста покрај пропагандната машинерија на власта (телевизиите, весниците, порталите, радиостаниците и така натаму) многу активни се и членовите на ГДОМ (Граѓанско движење за обнова на Македонија) кои шетаат низ државата и на чисто „спонтани“ трибини докажуваат како Заев, а со тоа и СДСМ, се предавници.

И нормално, како што слушнавме во најновата „бомба“ од новинарот „началник“, кој вели дека осумдесет проценти од неговиот дневник е пропаганден материјал на премиерот, сега неговиот дневник е сто десет насто пропаганда. А, со предавниците се знае како.

За жал, ВМРО-ДПМНЕ со ова се обидува општествената поделеност, која и така ни е присутна веќе две децении, (почна со поделбата на бугарофили и југокомуњари), сега играјќи со името на државата и идентитетот се промовира како единствен заштитник.

Сите други кои се и малку критични до власта за кое било прашање, веднаш се етикетираат како предавници. Јасна е заднината и целта на оваа жестока кампања. Да се преброди сегашната криза, а со тоа да владее до крајот на овој мандат.

Но, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ сега прави кардинална грешка, односно што би рекле нашите соседи „рачун без крчмара“. Ваквото продлабочување на антагонизмот помеѓу самопрогласените патриоти и „издиференцирани“ предавници може да ескалира, односно да се создаде неконтролирана општествена состојба. Имено, меѓународната заедница свесна за ова, веќе јасно бара од власта да создаде услови за воспоставување на дијалог, а во исто време преку дијалогот и во институциите (парламент) да се најде прво политичка разрешница околу прислушувањето, а потоа секако и правна.

Во секоја нормална држава по ваква афера или ќе паднеа оставки или премиерот ќе ги разрешеше министерот за внатрешни работи и секако директорот на Управата за државна безбедност. За наши услови кога (се’ уште мислам неоправдано и политикански) опозицијата го бојкотира парламентот, токму оставките или разрешувањето на овие функционери секако е правиот предуслов да се воспостават минимални услови за почнување на дијалог.

Одлагањето на посетата на премиерот Груевски во Брисел и неговата средба со претседателот на Европската комисија, Јункер, мислам тоа јасно го покажува, а секој што и малку се разбира во дипломатија, тоа треба така да го разбере. Од ова е исклучен нашиот слаткоречив, а секогаш содржински празен министер за надворешни работи кој од дипломатија не знам дали стигнал и до „Д“. Премиерот Груевски е должен и одговорен пред се’ кон своите избирачи (кои според мене легално и легитимно му ја дадоа довербата) сега пред се’ државнички, а не со општествени поделби и антагонизми, таа доверба да ја оправда. Понатаму, Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ има одговорност и кон своето членство. Ако оваа афера нема политичка разрешница, имајќи предвид какво политичко милје живееме и какво е нивото на политичката култура, утре кога нема да биде на власт, гневот и реваншизмот ќе го почувствуваат токму оние обични членови.

Од друга страна, опозицијата и Заев како лидер, треба да бидат свесни дека кризата може да има вистинска разрешница само во институциите. За жал, некои од неговите исто така „ватрени“ поддржувачи преку своите портали јавно зборуваат дека со оваа власт не може да се воспостави дијалог и треба да се сруши преку улица. Теза која ако стане реалност ќе претставува почетокот на крајот на државата Република Македонија.

Затоа, се’ уште сакам да верувам дека онаа светлина која ни ја дадоа студентите ќе се шири и ќе ги порази овие „волнени времиња“. И „Ало, началниче“ заедно со сите други началничиња, директори, министри, лидери и секако најблиските полтрони, како од страна на патриотиве, така и на демократите, ќе заминат во политичкото и историско буниште.

П.С. Ќе се чувствувам навистина навреден ако и мене ме нема во листата на прислушувани стотина новинари.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com