АЛО МИ СЕ ГУБИШ

Крајно време е водството на ВМРО-ДПМНЕ да ги замоли „спонтано организираните граѓани“ да ги запрат своите патриотски активности, бидејќи сегашната граѓанска поделба може да предизвика многу потешки последици

Паднаа првите колатерални жртви на аферата „Пуч“. Како што е „нормално“ за нашата држава, која така успешно тоне на листата на „Фридом хаус“ и овој пат виновниците или жртвите (во зависност од кој партиски агол гледате) се новинарите, односно слободата на изразување. И, замислете, тоа се случува во медиуми (телевизии) кои својот „кредибилитет“ го градат врз почитување на професионалните стандарди и кои имаат доверба кај јавноста. Браво наши. Во суштина, кај нас слободата на медиумите и професионалните стандарди се обратнопропоционални во однос на парите (пред се’, државни) кои како реклами влегуваат во медиумите. Односно, „со два милиони евра директна (владина) поддршка и јас би направил телевизија“.
Аферата со прислушувањето, односно „бомбите на Заев“, неделава влезе во една нова фаза која можеме да ја именуваме како рововска битка. ВМРО-ДПМНЕ по седницата на својот Централен комитет и лиферуваното соопштение до јавноста во кое јасно го повикува членството на политичка борба, покажува дека водството на партијата (и на државата) се определило за еден долг процес, во кој преку институциите ќе се бара разрешница на целата афера!? Токму затоа никој од врвот на ВМРО-ДПМНЕ не ги коментира содржините на „бомбите на Заев“ и строго се држат до она познато правило на политичката комуникација – „говорење во еден глас“, едногласие.

Но факт е дека кај нас се’ повеќе се губи довербата во институциите. Ако се види последната анкета на ИРИ кај нас, луѓето многу поголема доверба имаат во армијата отколку во судството. Анкетата е пред да пукнат бомбите на Заев. Втора работа која исто така станува реалност е функционалноста на институциите и тоа токму на оние кои би требало (во нормални услови и во држави каде што имаме владеење на правото) институционално, односно законски, да го разрешат масовното прислушување. И уште нешто – колку повеќе поминува времето, односно се’ повеќе и почесто „пукаат“ бомбите на Заев се’ повеќе се губи можноста во сегашната политичка консталација оваа афера да се разреши институционално, поточно судска, како што барем декларативно изјавува премиерот Груевски. Ефектите од оваа тактика на водството на ВМРО-ДПМНЕ веќе се чувствува и тоа на повеќе сегменти. Прво, се’ повеќе се заострува општествената и граѓанската поделеност на наши и ваши, односно на патриоти и предавници. Кои се позитивните ефекти од онаа група на „спонтано организирани граѓани“ кои шетаат низ државата и одржуваат трибини на кои докажуваат како странска служба прислушувала, а Заев за да дојде само на власт станал соработник на таа странска служба. Затоа крајно време е водството на ВМРО-ДПМНЕ да ги замоли овие „спонтано организирани граѓани“ да ги запрат своите патриотски активности, бидејќи сегашната општествена и граѓанска поделба може да предизвика многу потешки последици.

Понатаму, со прислушувањето ние повторно станавме случај во меѓународната заедница. Фактот дека неделава за Македонија зад затворени врати расправаше и Комисијата за надворешни работи на германскиот парламент (Бундестаг) покрај точките за Сирија и Ирак, зборува како меѓународната заедница или поедини држави гледаат на сегашната криза кај нас. Уште поиндикативна и јасна беше шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, која изјави дека е загрижена за стабилноста на Македонија. Дипломатската заедница кај нас, откако Заев најави дека и тие биле прислушувани (па тоа се прави во секоја земја) предупредува дека со тоа се крши Виенската конвенција и дека и за ова можеме да имаме одредени дипломатски консеквенции. Притоа воопшто не ги интересира дали тоа го правела некоја странска служба, како што тврди Владата, или пак тоа го правела нашата служба, како што тврди Заев.

Опозицијата, поточно Заев, со начинот како ги пласира „бомбите“ е во одредена офанзивна предност за разлика од рововската позиција на Владата. Слаба страна на неговите настапи во јавноста е секогаш неговиот однос или ако сакате поврзаност со господин Верушевски. Сите негови објаснувања се сведуваат само на лоши креации. Ако малку подетално го анализираме неговото последно телевизиско интервју, Заев се’ повеќе можеби несвесно игра улога на политички „месија“, кој, ете, ќе ни ја врати демократијата, слободата, владеењето на правото, односно ќе ни ја врати на нас граѓаните државата и ќе ја спаси Македонија. Лично никогаш не сум сакал политички лидери, без разлика дали доаѓаат од лево или десно, кои сакаат да си стават некако ореол на „месија“. Затоа би сакал актуелните политички лидери да ги потсетам на една мисла на Едвард Кардељ, идеологот на југословенскиот социјализам: „Среќата на човекот не ја прави партијата ниту општествениот систем“. Можеби затоа и ми се врежа една реченица од последниот телевизиски настап на Заев, кога вели „За државата не е битен ниту Заев ниту Груевски и двајцата нека одат јабана“. Епа, bon voyage, господа.

И како да се излезе од сегашната криза. Избори ќе рече секој. Точно, но за да имаме нови предвремени избори треба да се создадат услови. Се надевам дека никој во СДСМ не очекува дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сега едноставно ќе рече – ние се повлекуваме, еве вие правете Влада. Од друга страна не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ очекува СДСМ да прифати за 2-3 месеца да има избори, а пред тоа да нема политичка разрешница. Но проблемот е во тоа што иако и едните и другите се свесни за ова во исто време не покажуваат волја како да се почне дијалогот. За жал, и овој пат по се’ изгледа работата ќе ја земат во свои раце странците, односно, што би рекол народот, некој друг од надвор ќе ни скрои капа. Така што на крајот, повторно со помош на странските „олеснувачи“, „медијатори“, „експерти“ и не знам веќе уште што, сите ќе мораат да седнат во парламентот, да ги изгласаат потребните промени на законите кои на овој или на оној начин се во корелација со аферата и на крајот сите среќни и задоволни да донесат одлука за распуштање на парламентот и распишување четврти по ред предвремени избори и во рок од само 7 години.

Сето ова што ни се случува и го доживуваме покажува дека нашите политички елити (без разлика на етничка или идеолошка определба) можат само прекумерно да произведуваат историја која никој не може да ја преџвака, а камоли да научи нешто од неа. Но затоа колку повеќе произведуваме историја толку помалку реално имаме иднина.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com