Августовска „ферија“

И така помина уште еден Илинден. Овој пат во некоја мешавина помеѓу историски кичерај илустриран преку четата на „фалангата“ со стиропорни штитови и апостолки и типична фолклорна патетика со која обилуваше говорот на Хорхе. Оваа „павлиха“ од претседател и овој пат не заборави да не предупреди дека на држава и се заканува тероризам, а ете вториот бран не бегалци од Блискиот исток само што не тргнал да не „поплави“. Секако ние како држава сме „спремни“. Армијата која е под команда(!!!) на овој дворски шут е тука да не одбрани, ама како што ни порача „претседникот ни“ од Мечкин Камен треба сите да се сплотиме. Само прашањето е околу што односно околу кого. Ама шегата настрана не верувам дека не има многу кои би се „сплотиле“ околу Хорхе дури и ако ни вети дека сите ќе не аболицира ако паркираме погрешно а градскиот пајак ни ја дигне колата. А имајќи ја предвид огромната општествена поделба не верувам дека би можеле да се „сплотиле“ околу кој било од актуелните партиски лидери кои се повеќе личат на четирите јавачи на Апокалипсата.

И веќе кога сум околу прославата на Илинден морам да го споменам сè уште актуелниот „хазајин“ (газда) на државата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Никола Груевски. Тој на традиционалниот собир на нашата дијаспора во својот „лидерски говор“ вети дека тој до својот последен атом ќе се бори за просперитетна Македонија, за благосостојба на сегашните генерации и светла иднина на младата генерација (секако расштркана некаде по светот). И веднаш по овој говор на патриотизам, на сплотеност со народот, и секако саможртвување до последниот атом за тој народ, лидерот со семејството замина за Анталија во приватен аранжман секако за да собере сила и многу атоми, за борбата што го чека од крајот на август па до 11 декември кога би можело да се одржат изборите. Ашколсун, сега нашите туристички агенции како реклама за Турција треба на големо да го вртат соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека лидерот ете летува во Анталија што значи дека Турција по неуспешниот воен пуч и чистката која ја прави Ердоган, е безбедна дестинација. А богами туристичкото здружение не Турција исто така ова треба да го искористи како реклама, а на Груевски како награда да му овозможи џабе летување. Човекот го заслужил тоа.

Инаку, годинава Илинден во целост го бојкотираа Албанците, поточно албанските политички елити демек бил чисто Македонски етнички празник. Уште една типична фолклорна политичка карактеристика на нашите политички елити на која за жал и се додава и етнички предзнак.

Инаку дома типично августовски да не речам скоро сите се на „ферија“. Добро де, некој од познатите фаци ала другарот Геровски се вратија од заслужен одмор поминат во „Долна Македонија“ и нормално веднаш ни соопшти дека е разочаран дека во Горна Македонија иако пред да оди подели инструкции како да се сруши оваа ненародна власт од тоа ништо. Напротив другарот Геро е разочаран дека ете за Илинден сите заедно се сплотиле…

А опозицијата односно двоецот Заев-Шекеринска веќе по потпишувањето на договорот „Пржино два“ и негово „преточување“ во бизарни закони веќе ни објаснија дека ете работата е скоро готова. Демек во овие услови започнување на некакви процеси за демократизација на општеството, не се можни. Понатаму процеси за почеток на департизација на државата, за вистински функционални институции кои ќе работат според законите а не партиските директиви и интереси за вистинска поделба и самостојност на трите гранки на власта, за почитување на човековите права и слободи, е за сето ова ќе треба да почекаме до 11 декември. Демек на 11 декември кога би требало да се одржат изборите ако „Пржино два“ се реализира (дали некој разбира што тоа треба да се реализира и како) опозицијата со нашите гласови ќе победи и веднаш ќе почнат сите овие процеси. А ние како гласачи на ова треба да му веруваме во стилот на „жими мајка“. И ете во тој дух на демократизација СДСМ јавно распиша конкурс поточно повик секој кој сака да се пријави за новото ад хок тело кое во рамките на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги ќе контролира како електронските медиуми известуваат, а исто така СДСМ преку овој јавен повик ќе го бира новиот одговорен уредник на првата програма на МРТ. Абе, една демократија, што да ти кажам. Добро ама уште јас кога бев дете кога некој ќе речеше „жими мајка јас не сум“ никој не му веруваше. Интересно дека пред се невладиниот сектор односно оние шминкерски липицанери (дефиницијата е на господин Зеколи јас ја поддржувам сто пет насто), веќе и тие почнаа да ја „верглаат“ истата песна. Процесите на демократизација на општеството ќе започнат по 11 декември, а до тогаш сите треба да се сплотиме опозицијата да победи. Односно нашиот невладин сектор со својот дводецениски клиентелизам уште еднаш го монополизира граѓанското незадоволство па ако сакате и гнев секако за своите лукративни цели.

Државната изборна комисија која би требало да е еден од главните фактори кои ќе ни обезбедат фер кредибилни и демократски избори, изгледа не се не „ферија“. Според прес конференцијата на нејзиниот претседател во четвртокот тие работаат и следат што со оние околу четириесет илјади граѓани кои ете сега засега се на ајде да речеме некаков „црн список“, па сега мораат да се докажат дека не се фантоми и со тоа да бидат „прекомандувани“ на списокот на регуларни гласачи.

Инаку почитувани и мојата дребност како секоја година и оваа во овој период е на одмор. Како по обичај на планина Јабланица во месноста Лакавица кај мојот пријател сточарот Боро за кого досега имам неколку пати пишуваме додека бев присутен во Утрински. Ама за ова во наредната колумна овде на www.novinarskapatka.mk А дотогаш уживајте во олимписките игри кои утре почнуваат во далечниот Бразил. Замислете колку е визионерска нашата влада. На само месец дена пред почетокот на Олимпијадата го испрати за Амбасадор Боцевски, по познат како советникот ама на моменти и преведувач на нашиот Хорхе.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com